БУРГЕР ОД 3 КИЛОГРАМИ И 900 ДОЛАРИ ВО ЧЕСТ НА НОВИОТ ЈАПОНСКИ ЦАР

Токио, (Сан)

Готвач од Токио го подготви најскапиот бургер на светот во чест на новиот јапонски цар, што ќе го преземе тронот на 1 мај.

Ставајќи парчиња од најквалитетното јапонско вагју говедско месо во лепче украсено со златни снегулки, Патрик Шимада, шефот на кујната во ресторанот на хотелот „Хајат“ во Токио, создаде бургер кој тежи три килограми и чини 900 долари (100.000 јени). Други додатоци кои му ја креваат цената на бургерот се фоа гра (паштета од гускин црн дроб) и свежи црни тартуфи. Тој ќе биде на менито до 1 јуни.

„Огромниот златен бургер“ се послужува со шише вино, што малку му ја ублажува цената.

„Сакавме да создадеме нешто што ќе ги слави новиот цар и новата ера во Јапонија. Тој, исто така, ме доближува до моите јапонски корени“, вели Шимада, кој е четврта генерација на јапонски Американци.

Принцот Нарухито на 1 мај ќе го наследи својот татко, царот Акихито, кога во Јапонија настапува ерата наречена Реива (ред и хармонија).