ФРАНЦУСКИ ПИВАР СОЗДАДЕ СИНО ПИВО КОРИСТЕЈЌИ АЛГИ

Париз, (Ројтерс)

Француски пивар произведе сино ИПА пиво користејќи алги со природен пигмент. Пивото „Line“ е резултат на соработката на фирма која сака да ги популаризира алгите и малата пиварница на Себастијан Вербеке.

„Пивото се продава добро. Привлекува голем интерес и љубопитност кај публиката“, вели Вербеке.

Сината нијанса доаѓа од спирулината, алга која расте во базените на компанијата „Етике спирулина“ во северна Франција. Компонентата која ја дава сината боја се додава во пивото за време на процесот на варење. Вербеке вели дека алгата не влијае врз вкусот, туку само ја менува бојата на пивото.

Во првата тура биле продадени 1.500 шишиња од пивото, но пиварницата планира да го зголеми производството.