ИТАЛИЈАНЕЦ ПРАВИ ВИНО ОД 5.000 ЕВРА ОД „НАЈМАЛОТО ЛОЗЈЕ НА СВЕТОТ“

Рим, (Си-Ен-Ен)

Тулио Мазони ги прави некои од најексклузивните вина на светот, но не сака да ги пиете. Тоа доаѓа од „најмалото лозје на светот“, што се наоѓа на врвот на палата од 16. век во срцето на Реџо Емилија.

„И татко ми правеше вино и од него наследив вистинско лозје во околината на Реџо Емилија. Но, кога сфатив дека ми носи само загуба, го продадов. По 20 години се покајав и создадов мало, џебно лозје“, вели Мазони.


На 18 квадратни метри, тој секоја година добива само 29 шишиња од црвеното вино „вија мари 10“, именувано според палатата. Оттука и цената од 5.000 евра за едно шише. Виното не се продава во продавница, туку во уметничката галерија на Мазони.

„Моето вино е еден вид уметничко изразување. Ги охрабрувам купувачите никогаш да не го отворат шишето, туку да го третираат како уметничко дело. Јас сум единствениот производител на вино на светот кој вели дека не треба да го пиете виното“, вели Мазони.