ЈАГОДИТЕ НА ВИМБЛДОН ВЕЌЕ 30 ГОДИНИ ДОАЃААТ ОД ИСТА ФАРМА, ЗА ДВЕ НЕДЕЛИ СЕ ЈАДАТ 30 ТОНИ

Лондон, (АФП)

Играчите кои доминираа на Вимблдон се менуваа во изминатите три децении, но една работа остана постојана – снабдувачот со јагоди, кои се заштитен знак на најпрестижниот тениски турнир.

Фармата „Хју Лоу“, сместена во близина на Мејдстоун во Кент, округ попознат како „Градината на Англија“, го снабдува турнирот со ова овошје речиси 30 години. Тоа е семеен бизнис со кој сега раководи Мерион Реган, откако го наследила од татко ѝ Хју Лоу.

За период од две недели, колку што трае турнирот, фармата обезбедува 30 тони јагоди, кои свежо берени пристигнуваат во југозападниот Лондон секој ден.

„Вимблдон е многу престижен турнир и сфаќаш дека твоите јагоди ги јадат луѓе од цел свет. Признавам дека снабдувањето на турнирот знае да биде стресно. Не сакам никого да изневериме со тоа што го праќаме“, вели Реган.

Нејзините јагоди воопшто не се евтини. Во 2019 година, гледачите плаќаа 2,5 фунти за порција со десетина јагоди.

Берачите на јагоди се мнозинството од 700-те вработени на фармата на Реган, а сезоната трае од април до ноември. Најголем дел од берачите се Бугари и Романци.

Вимблдон почнува денеска и Ѓоковиќ ќе има можност да го израмни рекордот на Надал и Федерер од освоени 20 гренд слем титули.