Јапонското дизајн студио „Отворени оброци“ (Open Meals) го најави концептот на ресторан, кој врз основа на плунката, изметот и урината на муштериите ќе создава суши отпечатено во 3-Д, прилагодено на нивните нутритивни потреби.

Наречен „Sushi Singularity“, ресторанот ќе се отвори во Токио во 2020. Ќе ги користи биолошките примероци на гостинот, кој ќе ги испрати претходно, за да се проценат неговите нутритивни побарувања.

Пакетот за примероци за плунка, измет и урина кој ќе го добиваат муштериите (Фото: Дезин)

Врз основа на овие податоци, вработените во ресторанот ќе се информираат кои состојки да бидат вклучени во индивидуалниот оброк. Откако клиентот ќе направи резервација, ресторанот ќе му испрати мал пакет за примероци, кој треба да биде вратен назад две недели пред да дојде во ресторанот.

„Хиперперсонализацијата ќе стане вообичаена пракса во исхраната во иднина. Базирана на ДНК, урина и на тестови, луѓето ќе добиваат здравствени лични карти“, вели ресторанот.

Во соработка со две компании за здравствена технологија, ресторанот ќе ги користи резултатите на тестовите за да создаде уникатни здравствени лични карти за секој гостин. Личните карти ќе бидат вметнати во машини што ќе направат суши со хранливи состојки што му недостигаат на гостинот. Засега не е познат точниот метод како ќе се конструира ова суши.