Поранешната НБА-ѕвезда Денис Родман се расплака додека даваше интервју во Сингапур, емотивно реагирајќи на средбата Трамп-Ким. Тој се надева дека двајцата наскоро ќе се сретнат и во Белата куќа.

Ексцентричниот Родман е еден од ретките луѓе од Западот кој се дружеше со Ким при неговите посети на Пјонгјанг, а двајцата особено се зближија преку љубовта кон кошарката.

Носејќи капче со слоганот на кампањата на Трамп, тој смета дека токму неговите посети ја отвориле вратата за овој самит.

„Ова е неверојатно, неверојатно, неверојатно! Кога се враќав дома, примив голем број смртни закани. Верував во Северна Кореја, а не можев дома да си отидам. Се криев 30 дена“, се присети Родман и продолжи:

„Сепак, останав со крената глава, знаев дека работите ќе се променат. Бев единствениот, никој не сакаше да ме сослуша, види. Ни Барак Обама не ме сфати сериозно кога сакав да му пренесам порака од Ким. Ги примив сите куршуми, но сѐ уште стојам. Ова е голем ден за сите, за целиот свет. Многу сум среќен“.

Опишувајќи ги своите средби со Ким, тој кажа:

„Ким е како големо дете, иако, всушност, е низок. Тој сака да дојде во Америка, сака да ужива во животот. Тој е модерен човек, од 21. век и сака Северна Кореја да напредува“.