ВО ЦРНА ГОРА ВЕЌЕ 20 ДЕНА СЕ ОДРЖУВА НАТПРЕВАР ВО ЛЕГАЧЕЊЕ, НАЈУПОРНИОТ ЌЕ ОСВОИ 1.000 ЕВРА

Црна Гора, (Ројтерс)

Во Црна Гора веќе 20 дена трае најбизарното натпреварување во Европа, на кое годинава е поставен нов рекорд. Во етно-селото Брезна близу Никшиќ се одржува натпреварување во легачење, а од почетните 21 учесник, досега се откажаа 14. Преостанатите седуммина се борат за наградата од 1.000 евра.

„Цел живот слушаме шеги и вицови за Црногорците, па дојдовме на идеја да направиме едно вакво натпреварување. Ова веќе не е регионално, туку меѓународно натпреварување. Имавме учесници и од Русија и Украина. Не знам дали наградата од 1.000 евра е мотивот што лежат олку долго, но упорни се“, изјави еден од организаторите Борис Круниќ.

Уште првиот ден се откажаа тројца натпреварувачи, а рекордот беше соборен откако се стигна до 250 часа непрекинато легачење.

Учесниците имаат право на секои осум часа да одат на веце на десет минути, а храната и пијалаците им се носат. Додека лежат, смеат да користат телефон, лаптоп и книги, а повремено ги проверуваат лекари.

(Фото: Гети)