ЗДРАВА НАСМЕВКА ЗА СЈАЈНА НОВА ГОДИНА

Скопје, (СМАРТ СДК.МК)
Woman smiling, close-up of mouth, red lips
Д-р Радмила Димовска

Пишува: д-р Радмила Димовска, доктор – специјалист по ортодонција од ординацијата „КРУНА МС“

Новата Година се ближи. Сигурно размислувате за нештата кои сакате одново да ги започнете со почетокот на новиот календар. Можеби размислувате да заштедите повеќе пари, да најдете подобро вработување или, пак, да смалите неколку килограми. Многумина се одлучуваат за поздрав живот. Зошто не се одлучите во Новата година да го подобрите здравјето на забите?
Здравите одлуки го чуваат здравјето на забите. Која било од следниве стратегии ќе ве поведе кон посјајна, здрава, бела насмевка.

Јадете многу овошје и зеленчук

Овошјето и зеленчукот се важни за здравјето на забите. Лошата исхрана влијае на целиот имун систем и ја зголемува подложноста на многу чести заболувања на устата, вклучувајќи го и заболувањето на непцата. Антиоксидантите и другите хранливи материи што ги има во овошјето, зеленчукот, мешунките и јаткастото овошје ја зголемуваат моќта на телото да се избори со бактерии и воспаленија, а со тоа и да ги заштити непцата и забите. Дополнително крцкавите и свежи зеленчуци и овошки како јаболкото, морковите и целерот помагаат во чистењето на плакот од забите.

Престанете со пушење

Тутунот ја оштетува устата на многу начини: го зголемува ризикот од појава на дамки и промена на бојата на забите, појава на кариес, повлекување на непцата, заболувања на непцата и грлото, рак на белите дробови или устата. Пушачите се изложени на два пати поголем ризик од губење на забите за разлика од непушачите. Цигарите или пушењето на било какви производи од тутун е исто онолку опасно колку и користењето други производи од тутун. Добрата вест е што ризикот од загуба на забите се намалува ако престанете со пушење или користење на други производи од тутун.

Забите да се четкаат најмалку два пати дневно, а со конец да се чистат барем еднаш во денот

Четкањето и чистењето со конец ги заштитува забите од кариес и заболувања на непцата кои настануваат од плакот, кој е всушност леплив, безбоен слој од штетни бактерии што се таложи на забите секој ден. За доброто здравје на забите се подеднакво важни и четкањето и чистењето со конец. Ако не ги четкате и чистите забите соодветно со конец, може да допринесете до крвавење на непцата, што понатаму може да се развие во сериозно потечени, црвени непца кои крвават (гингивит), а на крајот и до заболување на непцата. Здравјето на устата е од голема важност особено поради фактот што болестите на устата може да влијаат на состојбата на целото тело.

Редовно одете на стоматолог

Доколку барем два пати во годината го посетувате стоматологот за контрола на забите, може да ги избегнете сите дентални проблеми, пред да предизвикаат неудобност или да бараат посложен и поскап третман. При редовните посети стоматологот може да го следи здравјето на устата и посочи режим за здравјето на устата со којшто би се решиле сите можни проблеми.
Оваа Нова Година донесете одлука да се исхранувате подобро, да престанете да пушите и да ја подобрите хигиената на устата. Забите и телото ќе ви бидат благодарни!