66-ГОДИШНА БАБА НА ТРОЈЦА ВНУЦИ ЌЕ БИДЕ НАЈСТАРАТА ОЛИМПИЈКА ВО ТОКИО

Токио, (АП)

Австралијката Мери Хана со 66 години ќе биде највозрасниот учесник на Олимписките игри во Токио и таа е една од многуте кои покажуваат дека годините се само бројка. Хана, која има тројца внуци, ќе се натпреварува во коњички спортови и Токио ќе ѝ биде шеста олимпијада во кариерата. Досега нема освоено медал.

Зад неа е четири години помладиот Ендрју Хој, кој ќе ја претставува Австралија во овој спорт.

Карли Лојд ја предводи фудбалската репрезентација на САД на 39 години, а Фармига и натаму ги брани боите на бразилскиот фудбалски тим на 43-годишна возраст.

„Буквално не сум запрела 17-18 години. Сигурна сум дека сопругот и семејството ќе бидат многу среќни кога ќе престанам да играм“, изјави Лојд.

Најстариот американски олимпиец во Токио ќе биде 57-годишниот Филип Дутон, уште еден натпреварувач во коњички спортови.

Скејтбордингот ќе го има своето олимписко деби во Токио и Јужноафриканецот Далас Оберхолцер е доказ дека овој спорт не е наменет само за младите. Тој ќе се обиде да освои медал на 46 години.

Гимнастичарките веќе размислуваат за пензија кога ќа наполнат 20 години, па Узбекистанката Оксана Чусовитина е вистински раритет. Не само затоа што ќе настапи на 46 години, туку таа е и мајка на 21-годишен син.

Како највозрасен олимпиец во историјата се води шведскиот стрелач Оскар Сван. Тој освоил сребро на ОИ во 1920 кога имал 72 години и 280 денови. Осумдесетгодишниот Хироши Хокецу сакаше да го собори неговиот рекорд во Токио, но не беше избран во домашниот тим за коњички спортови. Тој ги пропушти претходните Игри во Рио поради болен коњ.