АКТЕРКАТА СЕЛМА БЛЕР ОБЈАВИ ДЕКА ИМА МУЛТИПЛА СКЛЕРОЗА

Лос Анџелес, (АП)

Американската актерка Селма Блер објави дека има мултипла склероза. Четириесет и шестгодишната Блер кажа дека болеста ѝ била дијагностицирана во август, но симптоми имала со години.

„Имам пречки. Понекогаш паѓам или испуштам работи“, напиша Блер на Инстаграм.

Мултипла склероза е неизлечива состојба, која, според истражувањата, многу почесто се јавува кај жени и вообичаено се открива во 20-ти и 30-ти години од животот. Причината сѐ уште е непозната за медицината. За состојбата нема лек, но со третмани можат да се ублажат симптомите, кои вклучуваат проблеми со видот, рамнотежата и со мускули.

„Мојата меморија е замаглена. И мојата лева страна прашува за насоки од расипан ГПС, но се снаоѓаме. Сакам повторно да се играм со син ми и да јавам коњ. Ја имам оваа состојба, но во ред сум“, вели ѕвездата на серијалот „Хелбој“.