АКТЕРОТ И РЕЖИСЕР КЕВИН СМИТ ОБЈАВИ ДЕКА ПРЕЖИВЕАЛ ТЕЖОК СРЦЕВ УДАР

Њујорк, (АП)

Американскиот режисер и актер Кевин Смит објави дека преживеал тежок срцев удар по настапот на едно комично шоу во Лос Анџелес вчера.

Четириесет и осумгодишниот Смит вели дека го спасило тоа што го откажал второто шоу.

„Среќа што го откажав второто шоу и отидов во болница, инаку сега ќе бев мртов. Докторот ми кажа дека левата коронарна артерија ми била целосно блокирана, а таа е позната под името создавач на вдовици“, напиша Смит на Твитер.

Тој објави фотографија како лежи во болнички кревет, дополнувајќи дека „сега-засега е сѐ уште над земја“.

Пред три години, Смит ослабнал 38 килограми откако лекарите го предупредиле дека би можел да има сериозни здравствени проблеми поради тежината.