„БЕШЕ ЕДНАШ ВО ХОЛИВУД“ НА ТАРАНТИНО ЈА ЛАНСИРАШЕ НОВАТА ЅВЕЗДЕНА ГЕНЕРАЦИЈА АКТЕРИ

Лос Анџелес, (Пипл)

Филмот од 2019 на Квентин Тарантино „Беше еднаш во Холивуд“ не само што собра славна актерска екипа како Леонардо ДиКаприо, Бред Пит и Марго Роби, туку и ја лансираше следната генерација ѕвезди во Холивуд. Во „Беше еднаш во Холивуд“ глумеа и младите имиња како Мајки Медисон, Сидни Свини, Маргарет Кволи, Остин Батлер, Маја Хоук и Викторија Педрети, денес веќе наградувани и познати. Медисон годинава доби Оскар за најдобра женска улога за филмот „Анора“.

„Квентин ако не ја земеше Мајки Медисон во ‘Беше еднаш во Холивуд’, немаше да се сними ниту ‘Анора’“, рече режисерот на „Анора“, Шон Бејкер, примајќи ја наградата за најдобар режисер на годинашните Оскари.

Мајки Медисон (во средина) (Фото: Сони)

Медисон имаше 19 години кога глумеше во филмот на Тарантино.

„Отсекогаш сум била голема обожавателка на Тарантино. Бев на аудиција лично пред него. Имав многу трема. Кога ја добив улогата, се чувствував како да сум добила на лотарија“, изјави Медисон во едно интервју.

2019 беше доста значајна година за Сидни Свини, бидејќи освен работата со Тарантино, стана позната и со улогата во една од најгледаните серии на Ејч-Би-О, „Еуфорија“. Доби номинација за Еми, а потоа глумеше и во втората сезона на „Белиот лотус“ и во филмот „Anyone but You“ на „Нетфликс“.

Маргарет Кволи, која е ќерка на глумицата Енди Мекдауел, во 2020 изјави дека првично се пријавила за друга улога кај Тарантино, но ја одбиле. Потоа нејзиниот татко, кој живеел во Панама, ѝ рекол да си купи авионски билет и да дојде кај него.

„Неговата логика беше дека ако нешто испланирам, универзумот ќе се вмеша и нема да можам да дојдам кај него. На мојот трет ден во Панама добив повик да се јавам на пробно снимање со Бред Пит (фото). Сега татко ми мисли дека има магични моќи“, се пошегува Кволи.

Таа потоа имаше забележливи улоги во серијата на „Нетфликс“, „Maid“, филмот „Кутрите“ на Јоргос Лантимос и во хоророт „Супстанција“ за кој доби номинација за Златен глобус.

Остин Батлер, Викторија Педрети, Маргарет Кволи, Сидни Свини (Фото: Сони)

Остин Батлер имаше кариера како детски глумец, но стана познат по улогата на Чарлс Текс Вотсон, еден од бандата на Менсон, во филмот на Тарантино. Тој требало да бира дали ќе ја прифати улогата кај Тарантино или ќе оди на пробно снимање за „Топ ган: Маверик“. Како голем фан на работата на Тарантино, се одлучил за неговиот филм. Потоа ја доби насловната улога во „Елвис“, биографскиот филм за кралот на рокенролот, Елвис Присли. Тоа му донесе номинација за Оскар за најдобра машка улога во 2022. Лани глумеше и во вториот дел на „Дина“.

Маја Хоук, која е ќерка на Ума Турман и Итан Хоук, во едно интервју кажа дека видеото за аудицијата за ликот на една од девојките од кланот Менсон го снимила со нејзиниот татко. Хоук потоа доби улога и во една од најгледаните серии на „Нетфликс“, „Чудни нешта“, во филмот на Бредли Купер „Маестро“ и го позајми гласот на Анксиозност во вториот дел од „Опаку-наопаку“.

По неколку телевизиски ангажмани, Викторија Педрети ја доби улогата на Лулу во филмот на Тарантино, со која почна да ѝ расте популарноста. Се прослави и со серијата „Ти“ (You) на „Нетфликс“, а лани имаше и деби на Бродвеј, во претстава со Џереми Стронг.

(Фото: Сони)