БИТОЛСКАТА ПРЕТСТАВА „ГАЛЕБ“ ПРЕМИЕРНО НА ОХРИДСКО ЛЕТО

Охрид, (СМАРТ СДК.МК)

Со премиерата на претставата „Галеб“ од Чехов, во режија на Багријана Попов, Народниот театар Битола учествува на Охридско лето. Претставата ќе се игра вечерва (22 јули) на сцената на Долни Сарај од 19:30 часот и не е наменета за лица под 16 години.

Режисерката Попов, која 20 години соработува со Битолскиот театар. на денешната прес-конференција рече дека во претставата се зборува за страдања, но и за љубовта, за природните убавини.

„Секогаш кога се поставуваат претстави како оваа, суштината е да се презентира интеракцијата на човекот со природата, со убавината. Со нетрпение очекувам да видам како оваа претстава ќе биде донесена тука, на ова спиритуално место, да се открие како оваа претстава ќе проговори во нас и преку нас“, рече Попов.

Илија Волчески од Прилепскиот театар, кој ја игра главната улога, рече дека Чехов отсекогаш бил предизвик за актерите, уште од академските денови било чест и обврска да се обработуваат неговите дела и ликовите во неговите драми.

Младата актерка Леонида Гулевска ја игра Маша, a играат и Јулијана Мирчевска, Катерина Аневска-Дранговска, Васко Мавровски, Соња Ошавкова, Александар Димитровски, Живко Борисовски, Валентин Дамчевски и Дарко Велкоски.

Сценографијата e на Валентин Светозарев, костимите се на Благој Мицевски, музиката на Александар Димовски.