БИТОЛСКИОТ НАРОДЕН ТЕАТАР ЌЕ ЈА ПОСТАВУВА „НА ДНОТО“ ОД ГОРКИ ВО РЕЖИЈА НА КЕНДРИМ РИЈАНИ

Битола, (СМАРТ СДК.МК)

Битолските театарџии од понеделник почнуваат со пробите за новата претстава работена по драмата на Максим Горки „На дното“, а во режија на еден од најпрогресивните театарски режисери на овие простори во последните години Кендрим Ријани. Тој ја режираше претставата „Артуро Уи“ од Бертолд Брехт во 2022, која на Народниот театар од Битола му донесе пет награди на 56. издание на фестивалот „Војдан Чернодрински” во Прилеп

„Програмата за годинава стартува со подготовките за ‘На дното’. Потоа покрај фестивалот ‘Шекспир’, ќе изработиме уште две претстави, ‘Повторното обединување на двете Кореи’, во режија на младиот словенечки режисер Јурш Зидар и ‘Хенрик Четврти’ на Луиџи Пирандело, во режија на Никита Миливојевиќ. Повторно ќе бидеме конкурентни за најголемите театарски дострели во земјава“, рече Иван Јерчиќ, директорот на Народниот театар од Битола.

Од овој месец следуваат гостувања во Црна Гора, Србија и Полска.

Ж. ЗДРАВКОВСКА