Мекензи Скот стана најбогатата жена на светот откако нејзиното богатство порасна на 68 милијарди долари, според индексот на милијардери на „Блумберг“.
Скот (50) е писателка и филантроп, но и бивша сопруга на најбогатиот човек на светот Џеф Безос. Нејзиниот нов статус доаѓа откако ја надминала Франсоаз Бетенкур-Мајерс, наследничката на козметичкиот гигант „Л‘Ореал“, чие богатство е проценето на 66,8 милијарди долари.
Безос и Скот се разведоа лани по 26 години брак, при што таа наследи 4% од акциите на „Амазон“, чија вредност тогаш изнесуваше 38 милијарди долари. Од почетокот на годината, нивната вредност порасна од 2.000 на 3.500 долари, а тоа доведе и до зголемувањето на богатството на Скот.
Во јули, Скот откри дека донирала 1,7 милијарди долари и дека се придружила на иницијативата „Гивинг плеџ“, со која најбогатите луѓе на светот се охрабруваат да донираат голем дел од своето богатство во хуманитарни цели.
Севкупно, Скот е 12. најбогата личност на светот.