БОЧЕЛИ ИМАЛ КОВИД-19 ЕДЕН МЕСЕЦ ПРЕД НАСТАПОТ ВО КАТЕДРАЛАТА ВО МИЛАНО

Пиза, (АНСА)

Прославениот италијански тенор Андреа Бочели откри дека имал КОВИД-19 еден месец пред настапот во празната катедрала Дуомо во Милано во април. Тој вели дека целосно оздравел, опишувајќи го искуството како кошмар.

„Тоа беше трагедија, целото мое семејство беше заразено“, кажа 61-годишниот Бочели при излегувањето од болницата во Пиза, каде што со сопругата донирале крв за истражувањата за КОВИД-19.

Бочели одржа незаборавен получасовен концерт во Милано на 12 април за да го крене духот на Италијанците среде најголемата криза со коронавирусот. Настапот бил следен од милиони луѓе низ цел свет преку Јутјуб.

„Сите имавме треска, за среќа, не многу силна и кашлавме. Тоа беше вистински кошмар, имав чувство дека веќе немам контрола врз работите“, кажа Бочели.