БРИТАНКА ЗА РЕКОРДНО ВРЕМЕ ИСТРЧА СЕДУМ МАРАТОНИ НА СЕДУМ КОНТИНЕНТИ ЗА СЕДУМ ДЕНА

Лондон, (Би-Би-Си)

Британката Сузана Џил за рекордно време комплетираше седум маратони на седум континенти во рок од седум дена, истрчувајќи вкупно 295 километри за 24 часа, 19 минути и девет секунди. Таа притоа согорувала повеќе од 5.000 калории на ден. Триесет и четиригодишната Џил го доврши предизвикот „777“ во Мајами.

„Ова беше луда амбиција, што сакав да ја остварам. Предизвикот едноставно ми изгледаше неодоливо. Пред десет години, само сакав да бидам во форма и да го истрчам Лондонскиот маратон, а сега трчањето ме однесе буквално низ цел свет“, изјави Џил.

Во последните десет години, таа истрчала 45 маратони, од кои десет во Лондон, а најдоброто време ѝ изнесува два часа и 58 минути.

Во машка конкуренција, најдобро вкупно време на седумте маратони оствари Американецот Мајк Вордијан од 20:49:30 часови.

Таа беше втора на маратонот на Антарктик, каде што температурите паѓаа и до -35 Целзиусови степени, но победи на останатите шест од предизвикот. Само два дена подоцна во Австралија, таа трчала на +35 степени.

Помалку од 200 луѓе го имаат комплетирано предизвикот „777“, откако сер Раналф Фајнс прв го направи тоа во 2003 година. Оваа година, учесниците трчаа во Нова (Антарктик), Кејптаун (Африка), Перт (Австралија), Дубаи (Азија), Мадрид (Европа), Сантјаго (Јужна Америка) и во Мајами (Северна Америка), при што летаа 63 часа и поминаа 88.000 километри.