ОТКАЖАНИ ПРЕТСТАВИ И КОНЦЕРТИ ПОРАДИ ДЕНОВИ НА ЖАЛОСТ ПО ТЕШКАТА СООБРАЌАЈНА НЕСРЕЌА

Скопје, (СМАРТ СДК.МК)

Културните настани кои беа најавени за денеска и утре се откажани, откако Владата ги прогласи 14 и 15 февруари за денови на жалост, по синоќешната тешка сообраќајна несреќа на автопатот Скопје-Тетово, во која загинаа 14 патници, а седум од повредените се во критична и тешка состојба.

Македонскиот народен театар (МНТ) соопшти дека мјузиклот „Мама миа“, кој беше планиранo да се изведе по повод денот на виното и вљубените – 14 февруари, се откажува. Следната изведба е закажана на 11 март во 20 часот, за кога ќе важат билетите кои публиката ги купила за денеска.

Концертот на Македонската филхармонија „Моја љубов“, што требаше да се одржи вечерва, се одложува за 18 февруари во 20 часот.

Првиот од двата концерти на Каролина со Македонската филхармонија е презакажан од 15-ти за 17 февруари. Вториот концерт останува в сабота, на 16 февруари.

Од Театар Комедија велат дека претставата „Вардарски пастуви“ во режија на Синиша Евтимов, која беше планирана да се изведе в петок, се откажува, а следната изведба е в сабота. Театарот за деца и младинци ги откажа претставите од редовниот репертоар најавени за денеска и утре, а Народниот театар од Битола ја одложи изведбата на претставата „Коцкар“ за сабота, од 20 часот.

Претставите во Драмски театар кои требаше да се одржат денеска и утре, „Партија реми“ и „Крал Иби“, се откажани. Оттаму велат дека публиката подигнатите билети за овие претстави може да ги замени за која било друга претстава на репертоарот на Драмски.