ДА ИГРАМЕ СИТЕ ОРО ПРЕД ПОЛИЦИСКА СТАНИЦА И ГРУПНО ДА НЀ СЛИКААТ ЗА ПАСОШИ КАКО ЗА НА СВАДБА, РЕЧЕ САШКО КОЦЕВ НА „ЗЛАТНА БУБАМАРА“

Скопје, (СМАРТ СДК.МК)

Легендарниот пејач Драган Мијалковски во полна форма настапи на 27. издание на „Златна бубамара на популарноста“ сношти во салата „Борис Трајковски“ и испеа дел од најголемите хитови со ревиски оркестар. На оригинален начин, со песна во која раскажува како татко му, маестро Александар Џамбазов го носел на фестивалите каде што пеел „чичко Драган“, го најави Игор Џамбазов.

„Ова ми е втора ‘Бубамара’. Првата ја добив во минатиот 20. век. Академијата на ‘Златна бубамара’ добро пресметала, по една награда за секој век, па според тоа, ќе добијам уште една во 2124, во 22. век“, кажа Мијалковски низ насмевка.

Драган Мијалковски запеа со Жељко Самарџиќ (Фото: К. Попов)

Тој доби награда за трајни музички вредности и најави свој концерт со кој ќе слави 60 години кариера. На „Дојди Лено на перниче бело“, кога цела сала играше со него, му се придружи Горан Алачки на хармоника, авторот на оваа песна.

На „Златна бубамара“ се врати Сашко Коцев, откако лани не го водеше шоуто поради претходно договорени обврски. Коцев не беше официјален водител, туку неговите колеги Тино Костадиновски и Атанас Атанасовски со одлични стендап точки. Публиката го пречека Коцев со овации, а тој остана на сцената нешто повеќе од половина час.

Неколку одлични комични точки имаа актерите Тино Костадиновски и Атанас Атанасовски (Фото: К. Попов)

„За 6.000 денари што ги дадов за пасош по брза постапка, треба фотограф да ме слика, не Деки од Пасошко, кој ме сликаше додека ѕиркав од ходник. Само кај нас полициска станица се вика како градинка, ‘Пролет’. Треба да се заигра оро пред ‘Пролет’ и да се сликаме сите групно, како на свадба, а потоа да се викнат оние што делат слики по свадби и да нѐ сечат на сликите, еден по еден“, кажа Коцев.

Сопственикот на радио „Буба мара“ (Фото:К. Попов)

Одлична имитација на Коцев и на повеќе домашни политичари изведе кумановскиот комичар Жарко Јовановиќ.

Шоуто традиционално го отвори сопственикот на радио „Бубамара“, сценаристот на шоуто Ранко Петровиќ, кој рече:

„Иако имате валидни документи, ќе бидете заглавени во овој меѓупростор. Движењето е забрането, навикнати сме на тоа“, рече Петровиќ и додаде дека радиото годинава го слави 32. роденден.

Кире Лазаров и Наталија Тодоровска (Фото: К. Попов)

Еден од забавните скечеви на Тино и Атанас беше за истражување кое го виделе дека Македонците се меѓу најглупавите народи на светот.

„Паметни се тие што добиваат на утринска програма на телефон, тие добиваат и во МВР да закажат за пасош. Ова е мерка младите да не ни бегаат од државата, сега нема каде да бегаат. Налепниците НМК значат ‘нема каде‘“, рекоа младите актери од театар „Комeдија“.

Тамара Тодевска ја испеа легендарната песна „Кога те нема“, во чест на композиторот Кире Костов (Фото: К. Попов)

Убаво потсетување „Бубамара“ осмисли и за легендарниот композитор Кире Костов. Наградата за маестро Костов постхумно ја прими неговиот пријател, доктор Миодраг Врчаковски. Хитови на Костов отпеаја Ленче Кукиќ, Тамара Тодевска и Андријана Јаневска, која доби награда за пејачка на годината. Убав настап со неговите тамбураши имаше Нино Величковски, кој се обрати на неговиот кумановски и наградата за трајни музички вредности ја посвети на семејството и на сопругата Лидија.

Владо Јаневски доби награда за концерт на годината (Фото: К. Попов)

Награда за трајни музички вредности доби и српскиот пејач Жељко Самарџиќ, а публиката во негова чест акапела испеа еден од неговите хитови.

„Моето семејство е голем обожавател на Драган Мијалковски. Како дете седев пред телевизор и навивав за него на фестивалите, сега имам трема да пеам по него“, рече Самарџиќ, а на сцената во еден рефрен му се придржи и Мијалковски.

Игор Џамбазов ја рецитираше „Т‘га за југ“ од Константин Миладинов, а заедно со гитаристот Гуру Харе ја испеа и нивната „Македоникејшн“ со посвета на иселениците. Владо Јаневски, кој одржа пет концерти во Филхармонијата, ја доби наградата за концерт на годината и ја испеа неговата најнова песна „Златни години“.

Драган Спасов-Дац и Александар Митевски настапија со Билјана Ѓошевска (фото: К. Попов)

За жал, една од најоригиналните точки, на црногорскиот музичар Рамбо Амадеус заедно со Националиот џез оркестар, ја следеше малку публика. „Златна бубамара“ траеше речиси четири и пол часа, па поголемиот дел од публиката си замина пред полноќ. Од Рамбо добивме одлична свирка пред одбрана публика. Џезерите исто така добија награда, која ја прими Гоце Стевковски од Џон Илија Апелгрен. Диригентот Џијан Емин му додели награда на Рамбо Амадеус за најуникатен музичар во универзумот.

Андријана Јаневска и Маријана Станојковска со Рамбо Амадеус и Џијан Емин (Фото:К. Попов)

И за крајот останаа недоволно луѓе, камбекот на најпопуларниот рапер од 1990-тите Раде Врчаковски-Врчак, кој заедно со дуото „ДНК“ ја доби наградата за песна на годината, за „Посреќна“. Награда добија и легендарниот ракометар Кире Лазаров, македонската одбојкарска репрезентација, одбојкарот Никола Ѓорѓиев, актерите Наталија Теодосиева и Сергеј Димовски, како и „Ало, ало“ за најдобра претстава, Ласко Џуровски за дизајнирање на македонски кирилични фонтови, Давод Темелков за етно песна на годината. Награда за трајни вредности доби и Тодор Миладинов од танцовиот клуб „Ритам плус“ кој танцуваше со Миланка Рашиќ, како и тркачот Игор Стефановски- Иџе.

Актерите Наталија Теодосиева и Сергеј Димовски (Фото: К. Попов)

Награда за албум на годината доби продуцентот Николче Мицевски за проектот „Македонијо во срце те носиме“, Националната опера и балет и „Танец“ за концертот „Фолклорно-класична симбиоза“, Александар Митевски и Драган Спасов-Дац за дуо на годината, тинејџерската серија „Тин камп“ и детската балетска претстава „Петар Пан“.

М. ЏАРОВСКА