ЏОНИ ДЕП БАРА 50 МИЛИОНИ ДОЛАРИ ОД БИВШАТА СОПРУГА АМБЕР ХРД ЗА КЛЕВЕТА

Вашинготн, (АП)

Актерот Џони Деп ја тужи поранешната сопруга Амбер Хрд за 50 милиони долари поради текст за домашно насилство кој таа го објавила во „Вашингтон пост“. Во тужбата е наведено дека иако Деп не е именуван во текстот, јасно е дека Хрд пишува за него, при што нејзините обвинувања за домашно насилство категорички се отфрлуваат како „лажни“.

„Тие беа дел од детаљна измама за да се создаде позитивен публицитет за госпоѓата Хрд и да ја унапреди нејзината кариера“, пишува во тужбата.

Наведено е исто така дека Деп (55) претрпел финансиски загуби поради обвинувањата, вклучувајќи ја и улогата на капетанот Џек Спероу во „Пирати од Карибите“. Нејзиниот адвокат ја нарече тужбата „несериозна“ и „само еден од најновите обиди на Деп да ја замолчи Амбер Хрд“.

Хрд првпат го обвини Деп за домашно насилство во мај 2016, една година откако се венчаа. Таа објави фотографија со модринки на лицето, а Деп доби судска забрана да ѝ се доближува. Тие се запознаа во 2011 на снимање на филм, а се разведоа во 2017.