ДОБРОТВОРНА АУКЦИЈА СО ЖУРКА ВО СКОПЈЕ ПО ПОВОД СВЕТСКИОТ ДЕН НА БОРБАТА ПРОТИВ СИДА

Скопје, (СМАРТ СДК.МК)

По повод Светскиот ден на борбата против сида, на 1 декември од 20 часот во „Макка бар“ во Скопје ќе се одржат добротворна изложба и аукција. Модератор на настанот и на аукцијата ќе биде новинарката Катарина Синадиновска, а музика ќе пушта Соња Исмаил.

„Слоганот ‘ХИВ не ме прави помалку човек’ е за подигнување на свесноста за ХИВ како една од сè уште активни епидемии во светот и кај нас, на која може да ѝ ставиме крај ако ја намалиме стигмата поврзана со овој здравствен и социјален проблем“, велат организаторите на настанот, здружението за поддршка на луѓето што живеат со ХИВ „Заедно посилни“.

Во ноември, тринаесет граѓански организации и Црвениот крст на Македонија, како дел од Платформата на граѓански организации што спроведуваат услуги за превенција на ХИВ, испратија писма до министерот за здраство Арбен Таравари, министерката за финансии Гордана Кочоска-Димитриеска и до премиерот Христијан Мицкоски поради информации дека се намалени средствата за програмата за ХИВ за 2025.

„Зачудувачки е што буџетот на Програмата за ХИВ изнесувал 95 милиони денари во 2018, кога се лекувале околу 200 пациенти со ХИВ, а се предвидува да биде понизок во 2025, кога очекуваме бројот на пациенти да надмине 500“, се вели во писмото.

Андреј Сених, извршниот директор на „Заедно посилни“, рече дека според нивните информации, предвидено е буџетот на Програмата за ХИВ за 2025 да изнесува само 90 милиони денари, а тие бараат 131 милион денари.