Котон блуз фестивал ја долови сржта на блузот и ни го претстави во најизворниот можен облик на своето петто издание, што се одржа во полниот културно-едукативен центар „Лабораториум“ во Скопје. Во исто време, ни ја покажа и веселата и разиграна страна на блузот, за да може овој мал јубилеј да се прослави и во ритам за танцување.
Толку беа спротивни Алвин Јангблад Харт и триото на Роб Тоњони, главните ѕвезди на вечерта: првиот нурнат во својот свет на блузот, а вторите суперпозитивни и суперангажирани да ја анимираат публиката на крајот на фестивалот. И двајцата музичари оставија силен впечаток врз присутните и го направија годинашниот Котон блуз фестивал посебен.
Оваа година, организаторите на чело со педијатарот Гого Паскалов одлучија да има само една вечер, ама полна со содржини во овој нов простор за фестивалот, петти различен откако се одржува. Седуммина уметници твореа на бината додека се менуваа музичарите, беа промовирани два албума (на Иги Ман беше слушачка), а имаше и гитарска работилница.
Како поддршка за млади блузери, прв настапи Михаило Митев, за кого Паскалов во една прилика кажа дека бил инспириран од фестивалот за да почне да свири.
Продолжи дуото „Ин д муд“, добро познати ликови од нашето урбано живеење, кои по безброј клупски свирки сега се најдоа во една поинаква позиција: да ја свират својата авторска музика, што неодамна ја издадоа во вид на миниалбум.
Од изведбата на Алвин Јангблад Харт, добитник на Греми и еден од најзначајните живи претставници на делта блузот, произлезе само еден заклучок: не може поблуз од ова! Со начинот на свирење, стилот на свирење, бојата на гласот, ова беше можеби најавтентичниот блуз концерт во Македонија досега.
И за крај, Роб Тоњони и неговата весела дружина. Тоњони покажа дека не е само виртуоз на гитара, туку и виртуоз за добра атмосфера.
Котон блуз фестивал исполни уште една своја мисија, а целиот приход од влезниците ќе го донира за Детска онкологија.
Г. КОНЕВ