ДОЈДОВ ДО КРАЈОТ НА ПАТОТ СО ФИЛМОВИТЕ, ВО ИДНИНА ЌЕ ПИШУВАМ КНИГИ, ВЕЛИ ТАРАНТИНО

Лос Анџелес, (НМЕ)

Квентин Тарантино вели дека „дошол до крајот на патот“ кога е во прашање снимање филмови, но планира и во иднина да биде креативен.

„Беше еднаш во Холивуд“ е деветти филм на двократниот оскаровец и, можеби, претпоследен во неговата кариера и Бред Пит вели дека тој воопшто не блефира кога го кажува тоа.

„Што се однесува до снимање филмови, дојдов до крајот на патот. Во иднина се гледам себеси како пишувам книги или правам театарски претстави, што значи дека ќе останам креативен. Мислам дека на филмовите им дадов сè што можам“, изјави Тарантино во интервјуто за магазинот „Џи-Кју“.

Иако најави дека работи на своја верзија на „Ѕвездени патеки“, што би му бил 10. филм, Тарантино додава дека неговото правење можеби ќе зависи од тоа како ќе помине „Беше еднаш во Холивуд“.

„Ако биде добро прифатен, можеби и нема да одам на десетти филм. Можеби, веднаш ќе запрам. Ќе видиме“.

Бред Пит, ѕвездата на „Беше еднаш во Холивуд“, вели дека е свесен оти Тарантино има други планови во животот.

„Тој е мртов сериозен. Тој има други планови, па уште долго нема да му кажеме збогум“.