Двејн Џонсон откри дека повеќе политички партии му пристапиле минатата година за да испитаат дали би се кандидирал на претседателските избори во САД, откако една анкета покажа дека 46% Американци би му дале поддршка.
Гостувајќи во новиот поткаст на Тревор Ноа на Спотифај, актерот и поранешен кечер кажа дека по една анкета во 2021, во која учествувале 30.000 испитаници, бил контактиран од политички партии, кои го прашале дали е заинтересиран да се вклучи во претседателската кампања.
„Интересно е тоа што се случи во анкетата. Бев трогнат, ми направија голема чест. Сега ќе споделам една тајна со вас: на крајот на 2022 ми пристапија политички партии, прашувајќи ме дали би се кандидирал. Ми се јавуваа една по друга и ми ја покажуваа анкетата, но и нивни интерни истражувања, кои беа доказ дека треба да се вклучам во трката“, кажа Џонсон.
Еден од најплатените и најомилени актери во Холивуд признава дека политиката не е за него.
„Тоа беше нешто нереално, зашто политиката никогаш не била моја цел. Всушност, има многу работи околу политиката кои ги мразам“, додаде тој.
Џонсон, кој се опишува себеси како центрист и политички независен, ја поддржа кампањата на Џо Бајден на изборите во 2020.
(Фото: Гети)