Енди Мареј потврди дека ќе се повлече од тениските терени по Олимписките игри во Париз, каде што ќе игра и во поединечна конкуренција и во двојки. Тоа ќе бидат петти ОИ за 37-годишниот Британец.
„Пристигнав во Париз за последниот турнир во мојата кариера“, напиша Мареј на Икс.
Мареј освои златен медал на ОИ 2012 во Лондон, кога во финалето го совлада Роже Федерер и четири години подоцна го повтори успехот во Рио де Жанеиро.
Играјќи во ерата со Федерер, Надал и Ѓоковиќ, Мареј двапати го освои Вимблдон (2013 и 2016) и славеше на Ју-Ес опен во 2012, но дури петпати губеше во финалето на Отвореното првенство на Австралија. Вкупно освои 46 АТП-титули и помина 41 недела како светски рекет број еден.
Тој продолжи да се натпреварува на највисоко ниво и по сложената операција на колкот во 2019, но од минатата година се мачеше со формата, па падна на 121. место на АТП-листата.
(Фото: ПА)