ФИЛИП ФИДАНОВСКИ СО ИЗЛОЖБА „МОДЕРНА ТРАДИЦИЈА“ НА СКОПСКО ЛЕТО

Скопје, (СМАРТ СДК.МК)

„Модерна традиција“ е насловена изложбата на уметникот Филип Фидановски, која ќе се отвори вечерва (10 јули) на Скопско лето во 20:30 часот во Музејот на Град Скопје. Гостинка на изложбата е Марјана Костојчиноска-Узунчева.

Изложбата „Модерна традиција“ претставува спој на традиционалната грнчарија со модерен визуелен стил со авторски пристап на уметникот. Фидановски вели дека ќе бидат претставени повеќе традиционални садови кои сè уште се произведуваат, со задржани облик и функција.

„Изложбата е конципирана на начин што керамиките ќе бидат поставени на маса прекриена со чаршаф со стилизирани фолклорни елементи изработен од Марјана и ќе биде сервирана во функција на традиционално послужување храна. Со ова, гледачот ќе има можност да кружи околу масата и да се запознае со културата на сервирање садови и со нивната основна функција. Оваа изложба не само што ќе ги прикаже креациите на уметникот, туку и ќе го поттикне интересот за традицијата и уметноста на керамиката кај пошироката јавност“, вели Фидановски.