Голема вулканска ерупција се случува моментално во Филипини, но една двојка не дозволи тоа да ѝ ги попречи плановите за венчавка.
Чино Вафлор и Кат Баутиста Паломар вчера се венчаа на локација што се наоѓа на 10 километри од вулканот Тал, еден од најактивните во земјата и притоа добија уникатни фотографии. Додека церемонијата течела, станало јасно дека Тал се буди, исфрлувајќи пареа и пепел неколку километри во височина.
„Тие не биле предупредени дека нешто ќе се случи. Забележавме бел чад како излегува од Тал дури откако подготовките беа почнати и тогаш сфативме дека се случува нешто необично“, изјави фотографот на венчавката Рендолф Еван.
Филипинските власти подоцна прогласија тревога од втор степен, најавувајќи експлозивна ерупција во наредните часови. На сите луѓе во радиус од 14 километри им беше наредено да заминат.
„Не само што венчавката се одржа, туку имаше и забава. Изненадувачки, сите беа опуштени и никој не си замина порано“, кажа Еван.
Ерупцијата денеска стана поопасна, откако вулканот почна да исфрлува и лава.