ФИЛИПИНСКИ СЛИКАР СОЗДАВА ДЕЛА СО СОПСТВЕНАТА КРВ

Манила, (Ројтерс)

Филипинецот Елито Кирка не е обичен сликар. Педесет и двегодишниот уметник користи крв од сопствените вени за да слика на платно и неговиот необичен метод на работа предизвика и пофалби и критики.

Роден во сиромашно семејство, Кирка како мал немал пристап до потребниот сликарски материјал, па за сликањето експериментирал со разни нешта, како домати и сливи, пред да стане фасциниран од крвта.

Сега, на секои три месеци оди во болница во Манила за да му извадат крв, најчесто околу 500 милилитри, што потоа ја чува во ладилник за идни проекти.

„Мојата уметност ми е многу важна затоа што доаѓа од мене. Направена е од мојата крв, мојата ДНК е дел од неа. Мојата филозофија е дека сè во животот е циклус, па крвта е алатка која ме потсетува од каде потекнувам“, вели Кирка.

Откако наслика мурал со големина 122 со 244 сантиметри, тој планира уште поамбициозен проект следната година: „крвно“ дело на 100-метарско платно, со што би поставил светски рекорд.