НЕДЕЛА НА ЈАПОНСКИ ФИЛМ ОД ВЕЧЕРВА ВО КИНОТЕКАТА

Скопје, (СМАРТ СДК.МК)

Традиционалната Недела на јапонски филм почнува вечерва во Кинотеката, а на репертоарот ќе бидат седум филма до 15 јуни.

Ќе се прикажат филмови од новата продукција на јапонската кинематографија, снимени од 2017 до 2021. Во летното кино „Мирно лето“ ќе може да се гледаат „Носари: Непостојана вечност“, „Ние правиме антиквитети“, „Буден“, „По зајдисонце“, „Миење коски“, „Густо плетено“ и „Секој ден е добар ден“.

Во изминативе 15 години, Кинотеката, Амбасадата на Јапонија и Јапонската фондација се здружуваат преку филмските проекции за да ѝ овозможат на македонската публика патувања низ различни места и периоди во Јапонија. Ќе се нурнеме заедно во оригинални приказни, преку кои се надевам ќе стекнете подлабоко разбирање за разноликоста на Јапонија. Подоцна ова лето, македонската публика ќе го погледне и добитникот на Оскар за најдобар странски филм ‘Вози ми ја колата‘“, изјави Савада Хиронори, амбасадорот на Јапонија.

Недела на јапонски филм ќе има и во Битола на 16 и 17 јуни.