Музичката драма „Анет“ на Леос Каракс со Марион Котијар и Адам Драјвер вечерва (21 часот) во Градски парк ќе го отвори 20. Фестивал на европски филм Синедејс. Филмот го отвори Канскиот фестивал на 6 јули и влезе во официјалната селекција во трка за Златната палма.
Ова е прв филм на францускиот режисер после „Свети мотори“ кој беше во официјалната програма во 2012, а воедно и негов прв филм на англиски јазик.
„Анет“ е снимен во Лос Анџелес и е филм за стенд-ап комичар (Драјвер) и пејачката со светска кариера Ен. Оваа навидум совршена врска засекогаш ќе се промени со доаѓањето на нивното мистериозно прво дете, Анет.
Во паркот зад Младинскиот културен центар (МКЦ) во 23:30 е концертот на групата „Бела техника“. Основана е во 2016 година од двајца членови на култниот белградски бенд „Дарквуд Даб“: гитаристот Бојан Дробац – Бамби и басистот Милорад Ристиќ – Мики. На двајцата им се приклучува и оперската пејачка Катарина Јовановиќ.
Синедејс ќе трае до 21 јули, ќе има над 40 филмови, слоганот е „Филм фактор 20“, а филмовите ќе се прикажуваат на локации покрај Вардар, езерцето во Градскиот парк, на врвот на Водно или на Кале, МКЦ, Градскиот парк, паркот Ибни Пајко.
Филмовите се распоредени во повеќе селекции: Официјална селекција, Гала програма, Селекција на анимирани музички видеа, МК во ЕУ, УНИЦЕФ еко филм програма, МК кратки филмови, БАФТА 2020, СЕЕ програма, Детска програма, музичка селекција од концерти во специјалната програма на фестивалот – синЕмјуик.
Билетите чинат по 100 денари, за сите концерти и филмови, освен за филмовите од поп-ап кино, кои се бесплатни. Со секој купен билет за филм, следува и пропусница за синемЈузик програмата предвидена за тој ден.