Иако треба да излезе дури во август 2019 година, за новиот филм на Квентин Тарантино „Беше еднаш во Холивуд“ веќе на големо се зборува.
За тоа е заслужна и најавената актерска постава, која секој ден станува сѐ поневеројатна.
Најновите имиња кои му се придружија на филмот се Ал Пачино, кој ќе го игра агентот на ликот на Леонардо ДиКаприо, и Џејмс Марсден, моментално една од ѕвездите на серијата „Западен свет“.
Покрај ДиКаприо, главните улоги ги добија и Бред Пит и Марго Роби, по што беа додадени и легендарниот Барт Рејнолдс, Тимоти Олифант, Курт Расел, Тим Рот и Мајкл Медсен.
Демиен Луис („Татковина“) ќе го игра Стив Меквин, а потврдени се и Дакота Фенинг, Емил Хирш и Лук Пери, популарниот Дилан од „Беверли Хилс 90210“.
Тарантино го опишува филмот како „приказна што се случува во Лос Анџелес во 1969 година, на врвот на хипи движењето во Холивуд“.
Во центарот на приказната се Рик Далтон (ДиКаприо), поранешна ѕвезда на вестерн-серии и неговиот партнер и дублер Клиф Бут (Пит). Тие не успеваат да се снајдат во новиот Холивуд, бидејќи никого не познаваат, но Рик има многу славна сосетка – Шерон Тејт (Роби).