Долгоочекуваното продолжение на „Аватар“ не ги исполни големите очекувања во првиот викенд на киноприкажувањето, но експертите велат дека е рано да се каже дали филмот ќе ги надмине своите огромни трошоци.
„Патот на водата“ заработи 435 милиони долари на глобално ниво, објави дистрибутерот „Волт Дизни“, од кои 134 милиони во кината во САД и Канада.
Првичните прогнози кажуваа дека филмот ќе заработи најмалку 500 милиони долари на стартот на прикажувањето. Се очекува претстојните празници да му дадат поттик на филмот, кој нема да има голема конкуренција во кината до февруари.
„‘Патот на водата‘ е направен за долги патеки, впрочем како и сите филмови на Џејмс Камерон. Публиката ќе си дојде“, вели аналитичарот на медиуми Џеф Бок.
Камерон кажа дека филмот ќе мора да заработи две милијарди долари за да се подмират сите трошоци, што ги вклучува и буџетот и маркетингот.
Подобри отворања од „Патот на водата“ оваа година имаа и „Доктор Стрејнџ 2“, „Блек Пантер: Ваканда засекогаш“ и „Тор: Љубов и грмотевица“.