Ѕвездата на „Исцелител“ Благој Веселинов и новиот филм на Теона Стругар Митевска ќе бидат претставници на македонската кинематографија на 69. издание на Берлинскиот филмски фестивал, што се отвора вечерва.
„Господ постои, името ѝ е Петрунија“, петтиот филм на Стругар Митевска, ќе има светска премиера токму на Берлинале, кадешто в недела ќе биде прикажан во официјална програма и ќе се бори за главната награда, Златна мечка.
Во продукција на „Сестри и брат Митевски“, филмот е инспириран од настанот што се случи на Водици во 2014 година, кога Борислава Васкова го фати крстот во Брегалница во штипско Ново Село, за потоа да ѝ биде одземен.
Откако се најде меѓу десетте европски таленти во подем за 2019, што веќе 22 години ги избира платформата Европска филмска промоција, Благој Веселинов на 11 февруари во Берлин ќе ја прими наградата „Шутинг старс“. Претходни добитници на оваа награда од Македонија се Лабина Митевска и Наташа Петровиќ.
Во Берлин ќе биде присутна и младата актерка Сара Климовска, која ќе учествува во Талент кампусот на фестивалот.
Од 7 до 17 февруари, на Берлинале ќе бидат прикажани околу 400 филмови, од кои 17 ќе се борат за Златна и Сребрена мечка.