Македонската филхармонија вечерва од 20 часот првпат ќе ја изведе симфонијата „Лос Анџелес“ од еден од најдобрите современи композитори Арво Перт, со холандско-јужноафриканскиот диригент Конрад ван Алфен.

Настанот е насловен „Ангелите и градот“, а ќе бидат изведени и Полка од балетот „Златна доба“ од Дмитри Шостакович, Концерт за мала флејта во Ц-дур од Антонио Вивалди и Концерт за обоа и оркестар во Г-мол од Јохан Себастијан Бах, кадешто како солистка ќе се претстави извонредната уметница на барокна флејта, Луси Хорш од Холандија.

„Симфонијата бр. 4 на Арво Перт насловена ‘Лос Анџелес’ се смета за едно од најволшебните дела со кое еден град може да се гордее. Таа е духовен портрет на овој т.н. град на ангелите и поседува раскошна убавина. Естонскиот композитор Арво Перт (1935) е еден од најизведуваните живи автори, кој создаде магија со сплетот на класична и духовна музика и направи и разви своја техника наречена ‘тинтинабули’, силно инспирирана од грегоријанските црковни песни“, велат од Филхармонијата.