БРЕД ПИТ ЌЕ ГЛУМИ ВО ПОСЛЕДНИОТ ФИЛМ НА ТАРАНТИНО, „ФИЛМСКИ КРИТИЧАР“

Лос Анџелес, (Вараети)

Бред Пит ќе глуми во десеттиот и последен филм на Квентин Тарантино, насловен „Филмски критичар“ (The Movie Critic), објавија холивудските медиуми. Тоа ќе биде нивна трета соработка, по „Неславни копилиња“ и „Беше еднаш во Холивуд“, за кој Пит доби Оскар за најдобра споредна улога.

„Филмски критичар“ ќе се случува во Лос Анџелес во 1977 и ќе следи критичар кој пишува за измисленото списание „Попстар пејџис“. Тарантино откри дека ликот е заснован врз вистинска личност.

„Тој никогаш не беше познат, пишуваше рецензии за филмови за порнографски магазин. Беше многу груб, пцуеше и користеше расистички навреди. Но, неговите текстови беа многу забавни. Пишуваше за популарни филмови, но беше второкласен критичар“, кажа Тарантино.

Нејасно е кого ќе глуми Пит зашто Тарантино претходно најави дека главниот актер би имал околу 35 години.

Премиерата на „Филмски критичар“ е најавена за 2025.