„ЧИЧКО“ ТЕШКО СЕ ДЕФИНИРА ЖАНРОВСКИ, ОСВЕН ДЕКА Е ОТКАЧЕН, ВЕЛИ ЕКИПАТА НА ХРВАТСКИОТ ФИЛМ КОЈ ГО ОТВОРА ФЕСТИВАЛОТ КИНЕНОВА

Скопје, (СМАРТ СДК.МК)

Хрватскиот филм „Чичко“ утре го отвора седмото издание на филмскиот фестивал Киненова, чиј фокус се актуелни први или втори остварувања на нови режисерски имиња. По тој повод, во Скопје допатуваа режисерите Давид Капац и Андрија Мардешиќ и еден од главните актери, Горан Богдан.

Чичко“ имаше светска премиера на престижниот фестивал во Карлови Вари и, како што велат режисерите, тешко може да се дефинира жанровски.

Оние кои го гледаа го споредија со делата на Лантимос, Ханеке, Тарантино. Луѓето секако го карактеризираа, но ние сакавме да покажеме дека успех може да се постигне и со филм кој не може жанровски да се определи. Еден заеднички коментар на оние кои го гледаа беше дека филмот е откачен и чуден“, кажа Капац.

Иако „Чичко“ е нивно дебитантско долгометражно остварување, Капац и Мардешиќ успеале да ангажираат две големи регионални ѕвезди, Богдан и Мики Манојловиќ.

Сценариото го развивавме седум години и од старт знаевме кој ќе ги игра таткото, мајката и синот. Што се однесува до чичкото, прво замислувавме да биде помлад актер, меѓу 40 и 50 години. По кастинзите заклучивме дека ни треба постар актер и веднаш сфативме дека улогата може да ја одигра само Мики Манојловиќ. Тој ни кажа дека прифаќа веднаш откако го прочитал сценариото“, рече Мардешиќ.

Богдан, кој често соработува со Капац и Мардешиќ, моментално е еден од најангажираните актери во регионот, па редовно снима и во Србија.

Ги сакам Скопје и целиот овој крај и среќен сум што можам да патувам благодарение на глумата. Ова не ми е прво доаѓање во Скопје, сум бил на фестивалот Скомрахи и со театар“, кажа Богдан.

Г. КОНЕВ