„ЧУВАРИ НА ФОРМУЛАТА“ НА БЈЕЛОГРЛИЌ ОД 9 НОЕМВРИ ИГРА ВО ШЕСТ ГРАДА ВО МАКЕДОНИЈА

Скопје, (СМАРТ СДК.МК)

Филмот „Чувари на формулата“ на српскиот режисер и актер Драган Бјелогрлиќ од 9 ноември ќе игра во кината низ Македонија, соопшти македонскиот копродуцент „Скопје филм студио“. Ќе се прикажува во Синеплекс во Скопје, Киноверзум во Штип и во центрите на култура во Пробиштип, Крушево, Струмица и Крива Паланка.

„Чувари на формулата“, кој во Србија го нарекуваат „српски Опенхајмер“, зборува за инцидент во Нуклеарниот институт Винча во 1950-ите. Во август освои две награди на фестивалот во Локарно.

„Чувари на формулата” е копродукција на „Кобра филм“ и „Тон филм“ од Србија, „Скопје филм студио“ од Македонија, „Перфо продукција“ од Словенија и „Битер фрејмс“ од Црна Гора, поддржани од националните филмски фондови на овие земји и Еуримаж. Бјелогрлиќ е и продуцент на филмот со Драган Шолак, а меѓу копродуцентите е Томи Салковски.

„За тајниот проект на правењето на атомската бомба во Србија не се зборувало, секако и денес не се зборува. Премиерата во Белград е за неколку дена и јас само чекам да почнат да ме обвинуваат дека никогаш не сме работеле на атомската бомба и оти јас повторно нешто измислувам. Но, за мене бомбата беше само провокација да покажам дека формулата на смртта станува формула на животот. Луѓето кои работеле на нешто што е вооружување и смрт се соочиле со нешто што е живот. И да не биле тие експерименти, можеби професорот Мате не би направил трансплантација на коскена срж“, кажа Бјелогрлиќ по фестивалската премиера во Скопје.

(Фото: „Скопје филм студио“)