ЏЕЈМС КАМЕРОН ВЕЛИ ДЕКА „АВАТАР 2“ ЌЕ ГИ ТЕСТИРА КРАЈНИТЕ МОЖНОСТИ НА КИНАТА

Лос Анџелес, (Вараети)

Режисерот Џејмс Камерон го откри насловот на долгоочекуваното продолжение на научно-фантастичниот спектакл „Аватар“, чие излегување беше одложено седум пати во изминатите осум години. „Avatar: The Way of Water“ е првото од планираните четири продолженија, чија премиера конечно треба да се случи на 22 декември 2022. Планирано е сите четири филма да бидат одделни и со заокружена приказна.

Дејството во филмот се случува десет години по првиот дел и се фокусира на семејството на Џејк (Сем Вортингтон) и Нејтири (Зои Салдана), кои сега имаат три деца. Во актерската екипа се и Сигурни Вивер, Џовани Рибиси, Кејт Винслет, Вин Дизел, Мишел Јео и Еди Фалко.

„Продолжението е направено за најголемиот екран и за најдоброто можно 3-Д доживување, при што сакаме да ги тестираме крајните можности на кината“, изјави Камерон.

Снимањето на филмот чинело 250 милиони долари. Првиот дел заработи 2,8 милијарди долари на светско ниво, најмногу во филмската историја.