ЏОН КРАСИНСКИ ГО ПИШУВА ПРОДОЛЖЕНИЕТО НА „ТИВКО МЕСТО“

Лондон, (Индипендент)

Режисерот и сценарист Џон Красински потврди дека го прави продолжението на хоророт „Тивко место“, еден од најголемите филмски хитови оваа година.

Красински, ѕвезда на американската комична серија „Канцеларија“, кој го напиша, режираше и играше во „Тивко место“, изјави дека студиото „Парамаунт“ првично го понудило филмот на други филмаџии.

„Имав мала идеја за продолжение, но не мислев дека ќе стигне до некаде, па им реков на продуцентите: ‘Направете го филмот со некој друг’. Тие ми рекоа да подразмислам уште малку и, еве, сега го пишувам вториот дел“, изјави Красински за „Холивуд рипортер“.

По успехот на „Тивко место“, кој беше снимен со буџет од 21 милион долари, а заработи 300 милиони, „Парамаунт“ најави дека вториот дел ќе излезе на 15 мај 2019 година.