„ЕПИЦЕНТАР“ НА АВСТРИЕЦОТ ЗАУПЕР ЈА ОСВОИ ГЛАВНАТА НАГРАДА „КРОМИД“ НА 11. МАКЕДОКС

Скопје, (СМАРТ СДК.МК)

„Епицентар“ на австрискиот режисер Хуберт Заупер е прогласен за најдобар филм на 11. издание на фестивалот на креативен документарен филм МакеДокс, кој заврши вчера. Во конкуренција на десет филмови во главната програма, „Епицентар“ беше награден со „Кромид“.

„Во овој филм, режисерот ни го позајмува неговиот светоглед за да ја видиме Куба и да ја искусиме со сета сложеност која се јавува од неговата фасцинација со островот и неговите жители, реалноста на нивното секојдневие и со сиот симболизам на нивното постоење низ скорешната историја“, образложи жирито.

Наградата „Млад кромид“ за најдобар филм од млад автор му припадна на „Тунел“ на Нино Орјоникиѕе и Вано Арсенишвили (Грузија/Германија), „Фантастичното“ на финската режисерка Маија Блофилд ја освои наградата „Сечкан кромид“ за најдобар краток документарец, а најдобар студентски филм е хрватскиот „Ќе доплови Рекс“ на Јосип Лукиќ.

Доделувањето на наградите се одржа онлајн.