„Вилиџ роудшоу“, филмската продукциска компанија која стои зад франшизите како што се „Матрикс“ (фото) и „Џокер“, поднела барање за заштита од банкрот во САД. Фирмата за своите финансиски проблеми ги обвини правната битка со нејзиниот поранешен партнер „Ворнер брос“ и „неуспешниот и скап потфат“ за продукција на независни филмови и телевизиски серии.
Во обид да ги ублажи своите финансиски проблеми, продукцијата предлага да ја продаде својата обемна филмска библиотека за 365 милиони долари. Долговите на компанијата изнесуваат меѓу 500 милиони и една милијарда долари, според судските документи.
Односите помеѓу двете продукции се влошиле на почетокот на 2022 по објавувањето на најновиот филм „Матрикс“. „Вилиџ роудшоу“ тврди дека „Ворнер брос“ ги исклучиле од своите права за какви било продолженија на филмовите на кои претходно работеле заедно.
Другиот проблем со кој се соочи продукцијата беше скап студиски бизнис започнат во 2018. Ниту еден од филмовите и телевизиските серии од тој проект не остварил профит.
(Фото: Гети)