ФРАНЦУСКИОТ ФИЛМ „ГАГАРИН“ ПОБЕДИ НА 19. СИНЕДЕЈС

Скопје, (СМАРТ СДК.МК)

Наградата „Златна ѕвезда“ за најдобар филм на 19. Фестивал на европски филм Синедејс, кој заврши синоќа, ја доби „Гагарин“, во режија на Французите Фани Лијатар и Жереми Трул.

Натпреварувачката програма на фестивалот ја следеше жири комисијата во состав Лабина Митевска, Благој Веселинов и Кнут Елстерман, која ги додели и останатите награди: „Златно сонце“ за најдобар филм во „СЕЕ програмата“ му припадна на „Оаза“ на Иван Икиќ, а специјално признание доби филмот „Матер“ во режија на Јуре Павловиќ.

Синедејс заврши со премиерата на македонскиот филм „Хомо“ во режија на Игор Иванов-Изи.

„Скопје го претворивме во кино под отворено небо и успеавме да стигнеме во многу маала, да ги ревитализираме некогашните кинопростори и да му дадеме друг пулс на градот“, рече Маргарита Арсова, координаторка на Синедејс.

Годинешниот Синедејс го следеа повеќе од 5.000 луѓе. Под слоганот „Филм на секое платно“, тој се одржуваше на девет локации низ Скопје и беа прикажани 40 филмови.