РИО ДЕ ЖАНЕИРО ГО ОДЛОЖИ КАРНЕВАЛОТ ЗА ПРВПАТ ПО ПОВЕЌЕ ОД ЕДЕН ВЕК

Рио де Жанеиро, (АП)

Рио де Жанеиро ја одложи својата годишна карневалска парада за првпат по повеќе од еден век, велејќи дека нема услови глобалниот спектакл да се одржи во февруари, бидејќи коронавирусот и натаму е голема опасност за Бразил.

Лигата на школите за самба објави дека без вакцина против ковид-19 не може да се гарантира безбедно одржување на парадата, која е културен столб на земјата, а за многумина, и извор на приходи.

„Карневалот е забава од која зависат многу скромни работници. Целиот културен и производствен ланец е нарушен од ковид-19“, изјави Луиз Антонио Симаш, историчар на карневалот.

Карневалот во Рио оваа година привлекол 2,1 милион луѓе, донесувајќи приход од 725 милиони долари. Ова е негово прво одложување од 1912 година.

Пред школите за самба да почнат да се натпреваруваат во 1930-ите, карневалот се одржувал во сали за танцување и ретко на улиците. Парадите влегоа во Самбадромот во 1980-ите и станаа заштитен знак на целиот настан. Самбадромот сега е претворен во засолниште за ранливото население.

Првиот случај на коронавирус во Бразил беше потврден на 26 февруари, само ден по завршувањето на карневалот. Бројките сѐ уште се многу високи, па вчера имаше 32.817 новозаразени и 831 починат од ковид-19.