Студиото „Ворнер брос“ официјално соопшти дека ќе се снима трет дел од „Вондер вуман“. Дајана Принс по трет пат ќе ја глуми Гал Гадот, а исто како и за претходните два, Пети Џенкинс пак се јавува во улога на сценарист и режисер.
Веста беше објавена откако на Божиќ во ограничен број киносали и на стриминг сервисот „Ејч-Би-О Макс“ премиерно се прикажа вториот дел од трилогијата, насловен „Вондер вуман 1984“.
„Ворнер брос“ најави дека третиот филм ќе има има стандардна кинопремиера и дистрибуција.
„Обожавателите ширум светот сѐ повеќе ја сакаат и ја прифаќаат Дајана Принс во улога на Вондер Вуман. Силниот одѕив за премиерата на ‘Вондер вуман 1984’ овој викенд, ни покажува дека обожавателите ги сакаат филмовите за неа, па ние сме возбудени што можеме да го најавиме продолжението и завршниот дел од трилогијата за хероината“, рече шефот на „Ворнес брос “, Тоби Емерих, без да наведе повеќе детали.
„Вондер вуман 1984“ заработи 16,7 милиони долари од 2.100 киносали во Северна Америка, што е најдобар резултат за премиера во време на ковид пандемијата. Во однос на гледачите на „Ејч-Би-О Макс“, студиото рече дека скоро половината од претплатниците го гледале филмот во петокот.
Вондер Вуман ќе ја видиме и во четирите дела на „Лига на правдата“ на Зак Снајдер, што треба да се прикажува на „Ејч-Би-О Макс“ во 2021 година.