И ЈАС КАКО МАРЛЕН ДИТРИХ БЕВ ПРОГЛАСЕНА ЗА ПРЕДАВНИК ВО СВОЈАТА ЗЕМЈА, ВЕЛИ СРПСКАТА АКТЕРКА МИРЈАНА КАРАНОВИЌ

Скопје, (СМАРТ СДК.МК)

Легендарната српска актерка Мирјана Карановиќ вели дека отсекогаш била фасцинирана од Марлен Дитрих, германската кабаре пејачка и актерка. Карановиќ ја игра Дитрих во претставата „Марлена“ која на 3 март ќе се игра во Битола во Центарот за култура и на 4 март во Скопје, во МНТ, во организација на „Авалон“.

„Отсекогаш бев фасцинирана од Марлен Дитрих, уште од средно училиште, особено откако се запишав на Факултетот за драмски уметности. Често одев во Кинотеката и ги гледав сите нејзини филмови по неколкупати. Бев маѓепсана со неа како актерка, таа беше мој фаворит. Тоа беше време кога некои ја сакаа Грета Гарбо, а некои Марлена Дитрих. За мене, Марлена беше нешто што ми е многу поблиску. Не знам, можеби поради таа нејзина дрскост и нејзиниот став. Ме фасцинираше и она што таа го играше“, вели Карановиќ.

Актерката додава и дека била воодушевена од музиката која ја пеела Дитрих.

Карановиќ ја игра Дитрих во претставата „Марлена“, која на 3 март ќе се игра во Битола и на 4 март во Скопје, во МНТ

„Таа за мене беше голем пример, ја пеев на сцената во некои емисии, таа е пример како феноменалната интерпретација ги надминува гласовните можности. Тоа што во младите години се заинтересирав за Марлена зборува и за тоа дека некои работи препознав во неа кои мене ми се блиски. Тоа е тој некој безобразлук, некоја дрскост, некоја потреба да ги шокирате луѓето, да привлечете внимание на себе како уметник со провокација. Се сеќавам, во 1980-тите бев во Берлин и тогаш излезе филмот на Максимилијан Шел за Марлена Дитрих. Всушност, низа интервјуа со неа од кои тој сакаше да направи документарец и на крајот таа не се согласи, зашто беше многу стара и не сакаше да се снима визуелно, па затоа само нејзиниот глас е присутен во филмот. Тој филм го гледав без здив. Многу ме потресе таа нејзина скриена страна, како од луѓето ги криела својата емотивност и својата врска со татковината која морала да ја напушти без збор, како ја мразеле кога во 1960 година отишла да одржи концерт во Берлин и ја сметале за предавник. Тоа е една од работите кои можев да ги поврзам со себеси затоа што и јас во својата земја често бев прогласувана за предавник. И ден-денес многумина мислат дека јас не треба да му припаѓам на овој народ и дека би било најдобро да си заминам оттука, но јас некако и понатаму сум тука. И како жена наоѓам сличности, така што има доста точки кои ме поврзуваат со неа интимно и актерски“, вели Карановиќ за СМАРТ СДК.МК.

Кога ја подготвувала претставата, српската актерка вели дека најмногу работела на положбата на телото и гласот и на начинот на кој Дитрих зборувала.

Еден од филмовите кои ја одбележаа Карановиќ е „Венецот на Петрија“, во режија на Срѓан Карановиќ, кој го раскажува трагичниот живот на една неписмена жена од српско село.

Мирјана Карановиќ како Петрија во филмот „Венецот на Петрија“, во режија на Срѓан Карановиќ

„За мене ‘Петрија’ не е тажна приказна, тоа е приказна која во себе има многу трагични случки. Тажна приказна за вас гледачите е кога го жалите главниот лик, кога е поразен, победен, затоа што не може да се извлече и има трагичен крај. Петрија имала многу трагедии во својот живот, но она што мене ме врза за неа додека ја читав книгата, уште додека не знаев дека ќе го играм тој лик, е нејзината животна енергија, тоа што таа и после сѐ нема намера да се откаже од животот. Дури и кога остана сама, таа вели: ‘Јас уште малку ќе останам тука, имам уште време, нема сѐ уште да си одам таму каде што сите мои блиски веќе си заминаа‘. Тоа што остана сама не е причина да се откаже од животот. Тоа е и моето животно мото. Многу падови, многу сопки, разни повреди кои ќе ги преживееш, лузни, но сакаш да останеш жив“, вели Карановиќ.

Во моментов, во Београдско драмско позориште подготвува премиера на дуодрама што ќе ја игра на мала сцена со актерката Јана Милосављевиќ.

„На 29 февруари почнувам со претстава на Селма Спахиќ, која ја работи како трилогија. Сонував да работам со режисер како неа и сонот ми се оствари. Почнувам да работам и со Кокан Младеновиќ во претставата ‘Човек слон‘. Таму ќе ја играм директорката на циркусот и едвај чекам“, вели актерката.

Карановиќ дипломатски одговара на прашањето какво искуство има со македонските режисери и продуценти.

„Работев со некои продуенти и режисери од Македонија, но попрво не би навлегувала во таа приказна. Им посакувам на сите многу среќа во нивните кариери“, рече актерката.

М. ЏАРОВСКА

Фото: Народно позориште Сараево