НЕ СУМ ЛУЗЕР, НАЈВАЖНО МИ Е ШТО МОЈАТА СОПРУГА ИМА ВЕРБА ВО МЕНЕ, ВЕЛИ КЛОП

Мадрид, (Би-Би-Си)

Ливерпул е повторно во финалето на Лигата на шампионите откако минатата година загуби од Реал Мадрид, а тоа е и шанса за Јирген Клоп да ја симне од себе неправедната етикета на губитник.

Тој не само што сè уште му нема донесено трофеј на Ливерпул откако дојде на „Енфилд“ во 2015, туку и зад себе има низа од шест загубени финалиња, почната уште во неговиот претходен клуб Борусија Дортмунд. Од нив, две се во Лигата на шампионите, но Клоп не е тренер кој плаче и очајува.

Околностите секогаш беа различни, тимовите беа различни. Ако јас сум причината за загубените шест финалиња, тогаш сите треба да сме загрижени. И јас сум тажен кога губиме, но не плачам. Тоа го сфаќам само како уште еден чекор во животот. Јас секогаш повторно се обидувам“, вели Клоп.

Тој вели дека не се гледа себеси како лузер.

Да беше така, тогаш сите би имале проблем. Сметам дека мојата кариера досега не беше несреќна. Немам проблем со мојата кариера. Мојата сопруга има толкава верба во мене што секогаш ме прашува кога е финалниот меч на сезоната, затоа што од 2012 година, со исклучок на 2017, моите тимови секогаш беа во финале и нејзината поддршка ми е најважна“.

Вечерва во Мадрид, Ливерпул оди на својата шеста европска титула, додека Тотенхем првпат е во финалето и воопшто нема освоено трофеј од 2008 година. Новата ноќна мора на Клоп би можел да биде Маурицио Покетино, уште еден омилен тренер на фудбалска Европа.