По две години одложувања поради пандемијата, продолжението на „Топ ган“ ја имаше европската премиера на 75. Кански филмски фестивал, што по цели три децении го доведе и Том Круз на француската ривиера.
Присуството на 59-годишниот Круз не само што привлече огромен интерес, туку беше проследено со прелет на француски борбени авиони, а фестивалот неочекувано му додели ретка почесна Златна палма.
Проекцијата на „Топ ган: Маверик“ во Кан беше дел од светската турнеја на филмот, пред да дојде во кината на 27 мај. Продолжението на хитот од 1986 оригинално требаше да излезе во јуни 2020, но потоа уследија неколку поместувања.
Покрај Круз, во Кан дојдоа и други актери од филмот, Мајлс Телер, Џенифер Конели, Џон Хем и Глен Пауел.