КАНСКИОТ ЛАУРЕАТ „ЧОВЕКОТ КОЈ НЕ МОЖЕШЕ ДА МОЛЧИ“ ГО ОТВОРА 19. ФИЛМСКИ ФЕСТИВАЛ АСТЕРФЕСТ ВО СТРУМИЦА

Скопје, (СМАРТ СДК.МК)

Под мотото „Кинореалност ’24“, од 1 до 5 август ќе се одржува 19. издание на интернационалниот филмски фестивал Астерфест во Струмица. Отворањето е во 20:30 часот во Амфитеатарот со проекција на годинашниот кански лауреат „Човекот кој не можеше да молчи“ на хрватскиот режисер Небојша Слијепчевиќ, кој освои Златна палма за најдобар краток филм.

Годинашниот добитник на наградата „Астер“ е македонскиот режисер и сценарист Антонио Митриќески, која ќе му биде доделена на отворањето на фестивалот.

Првата вечер содржи 13 кратки филмови, вклучувајќи ја премиерата на „Луди и свесни“ на Мануела Златкова, а втората вечер ќе се прикажат уште 11 кратки филмски остварувања. На програмата се филмови од дваесетина држави од сите меридијани.

Ликовниот уметник Никола Пијанманов, кој е и член на годинашното интернационално жири на Астерфест, изработи статуетки што од оваа година ќе им се доделуваат на победниците. Филмовите ќе се борат за Златна, Сребрена и Бронзена потковица, Гран при за најдобар краток филм, како и за специјалните плакети „Ацо Алексов“ за најдобар автор и „Ѓорѓи Абаџиев“ за најдобро сценарио.

Посебен настан ќе биде промоцијата на книгата „Филмска објектологија“ на Васил Михаил, на 3 август во хотелот „Горан Пандев“, што ќе ја промовираат Саша Станишиќ и Далибор Плечиќ.