ЌЕ СЕ СНИМА ИГРАН ФИЛМ ЗА ЕЈМИ ВАЈНХАУС

Лондон, (Гардијан)

Семејството на Ејми Вајнхаус потпиша договор за снимање биографски филм за покојната британска пејачка.

Филмот ќе го продуцира „Монјументал пикчрс, а фасцинантната животна приказна на Вајнхаус во сценарио ќе ја адаптира Џеф Дин. Планирано е снимањето да почне наредната година.

„Нашето семејство постојано добиваше понуди за снимање на биографски филм, но сè досега, мислевме дека не е вистинско време. Сега чувствуваме дека сме способни да ги славиме неверојатните живот и талент на Ејми. Низ работата со фондацијата ‘Ејми Вајнхаус‘ видовме дека вистинската приказна за нејзината болест може да им помогне на други кои минуваат низ слични проблеми“, изјави таткото на Ејми, Мич.

Тој негираше дека Леди Гага би можела да се појави во насловната улога.

„Не би се изненадил доколку тоа биде некоја млада, непозната, англиска актерка, која по малку личи на Ејми“, додаде Мич Вајнхаус.

По смртта на Вајнхаус во 2011 година, за неа се снимени два документарни филма и најавено е дека нејзин холограм ќе оди на светска турнеја следната година.