КОГА СТАНАВ СЛАВЕН, БЕВ НА ДИЕТА ОД ЕКСТАЗИ И ВОТКА, ВЕЛИ МОБИ ВО СВОИТЕ НОВИ МЕМОАРИ

Њујорк, (Ролинг стоун)

Само што ја продаде целата своја музичка сопственост за добротворни цели, американскиот музичар и диџеј Моби најави дека наредната година ќе издаде втора книга со мемоари, насловена „И потоа сè се распадна“.

„Тоа е патување во темното срце на славата и демоните кои демнат под сјајот на животот на славните“, вели Моби за новата книга, која е продолжение на мемоарите од 2017 година, „Порцелан: мемоари“.

За што ќе се зборува во книгата, која ќе биде објавена на 11 јуни 2019, навести и издавачот „Фејбер букс“.

„Во лето 1999 година, Моби го издаде албумот што го дефинираше милениумот, ‘Игра‘. Како и претходните албуми кои ја обележаа генерацијата, ‘Игра‘ беше огромен успех и го катапултираше Моби меѓу суперѕвездите“.

„Наеднаш, Моби почна да се дружи со Дејвид Боуви, Лу Рид, Кристина Ричи и Мадона. Земаше екстази за појадок (повеќето денови), пиеше литри вотка (секој ден) и спиеше со супермодели (не така редовно). Тоа беше диета што не можеше долго да трае. И потоа сѐ се распадна“.

Минатиот месец, Моби отворено прозборе за својата борба со алкохолизмот.

„Кога престанав да пијам пред десет години, бев навистина на дното. Како обиди за самоубиство, само очај, ништо не функционираше“, кажа Моби.

И покрај личните кризи, Моби никогаш не престана да прави музика, па во март годинава го објави својот 15. студиски албум.